Архиви на невидливите: жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни
Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), започна со спроведување на истражување од областа на историјата на жените – Архиви на невидливите: Жените во печатот на територија на Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни. Истражувањето ќе резултира со публикација на библиографија, каде ќе бидат прикажани наодите за појавноста и видливоста на жените како субјекти или објекти на печатените медиуми од меѓувоениот период. Библиографските наоди ќе бидат придружени со авторски текстови кои ќе понудат теоретски перспективи за историографските, антрополошките, родовите и книжевните аспекти на разгледуваната периодика. Истражувачкиот тим е составен од истражувач(к)и од општествените и хуманистичките науки.
Целта на истражувањето е да понуди систематизирани извори низ кои се прикажува поширока слика за претставата на жените во наративите за македонското минато, отаде стереотипната имагологија, како и анализа на изворите во контекст на позицијата на жените во националните мастер-наративи. Истовремено, истражувањето воспоставува и една практична цел: поставување на резултатите во институционален контекст, со изработка на прирачник со препораки за унапредување на состојбите за овие теми во образовните и научните процеси.
Истражувањето започнува од премисата за печатот од 19 и 20 век како медиумски, политички и идеолошки фактор низ кој се граделе и рушеле културните, националните и јазичните образци. Оттаму, родово димензионираниот истражувачки аспект на печатот може да придонесе за разбирање на различни теми од областа на историјата на жените, социјалната историја, но и да ја збогати со аргументи и нови гледишта и официјалната национална историја.
Библиографските наоди ќе бидат придружени со авторски текстови кои ќе понудат теоретски перспективи за историографските, антрополошките, родовите и книжевните аспекти на разгледуваната периодика.
Истражувачкиот тим ќе им пристапи на изворите низ четири засебни теми на анализа, кои го олеснуваат патувањето на читател(к)ите низ изворите. Осуммина истражувачи, и тоа Нада Бошковска (печатот и националните наративи), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (Прирачник со препораки за крос-институционални политики) се дел од тимот кој ќе работи на публикацијата. Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска.
Истражувањето е поддржано од Фондацијата Хајнрих Бел од Сараево, Министерството за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје.
