Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија
Симболичките поделби, сфатени како идеи кои индивидуите и групите ги преземаат за да ја артикулираат блискоста и другоста со останатите индивидуи и групи, имаат особено долга традиција на истражување во општествените науки и хуманистиката. Книгата „Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија“ се надоврзува на оваа традиција, но емпириски се фокусира на поделбите артикулирани од македонската етничка заедница во периодот од либерално-демократската трансформација на почетокот на 1990-ите до денес. Во книгата, седум автор(к)и покриваат различни тематски аспекти на симболичките поделби. Во воведното поглавје, Јован Близнаковски и Петар Тодоров ги сумираат наодите од засебните поглавја, нудејќи преглед на симболичките поделби идентификувани од автор(к)ите. Во своето поглавје, Ивана Хаџиевска се фокусира на културните и религиските линии на раздвојување на Македонците, додека Дарко Леитнер-Стојанов и Петар Тодоров ги разгледуваат историските наративи застапени во јавната сфера и во учебниците по историја за основното образование како дополнителен генератор на симболички поделби. Поглавјата на Димитар Николовски и Јован Близнаковски ги разгледуваат симболичките поделби во политиката, при што Николовски се фокусира на внатремакедонските симболички поделби, а Близнаковски на поделбите меѓу Македонците и Албанците. Во своето поглавје, Јана Коцевска го разгледува идеалот за македонското семејство и родовите односи како основа за поделби во современото македонско општество, додека книгата е заклучена со поглавјето на Ана Мишковска Кајевска која се фокусира на симболичките поделби артикулирани во време на кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.
Книгата „Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија“ се надоврзува на оваа традиција, но емпириски се фокусира на поделбите артикулирани од македонската етничка заедница во периодот од либерално-демократската трансформација на почетокот на 1990-ите до денес.
Структуирана на овој начин, книгата е корисна не само за истражувачите од општествените науки и хуманистиката, туку и за специјалистите и експертите кои работат на горенаведените области и се фокусирани кон идеалот на подигнување на општествената кохезија во Република Северна Македонија. Истражувањата во книгата ја покажуваат важноста на симболичките аспекти на општествените поделби за постигнување на одржлив мир и благосостојба во современите општества. Се надеваме дека резултатите од истражувањата објавени во книгата ќе придонесат за подобро разбирање на нашето општество, како и на прашањата и проблемите кои е потребно да се адресираат со цел градење на кохезивно и демократско општество.
