За Нас


Соединуваме млади и отворени истражувачи и активисти во областа на хуманистиката и општествените науки

Центарот за истражување на национализмот и културата е формиран се цел да понуди дополнителен интелектуален простор и експертиза во полето на студиите на национализмот, во општество каде ова поле се соочува со недостаток на научно внимание и институционална поддршка. Главната цел на Центарот е да го разбере и објасни национализмот, да развие свесност за неговиот развој во балканскиот регион, неговите сложени односи со културата и неговото влијание врз балканските општества. Ние го разбираме национализмот како културен конструкт, феномен тесно поврзан со културата. Токму овој културен аспект на национализмот е нашиот главен интерес. Нашиот фокус е пред сѐ во манифестирањето на национализмот во „базата“, т.е. кај индивидуите и колективите на основното општествено ниво. Нашиот интерес опфаќа и истражување на начинот на кој културните практики се поврзуваат со одредени државни политики кои што ги таргетираат индивидуалните или групните идентитети, како и начинот на кој државата ги контролира тие врски преку внатрешната културна политика.

Сметаме дека конфликтите базирани на „различноста“ многу често се појавуваат поради специфични погледи на историјата кои можат да бидат погрешно протолкувани, па дури и манипулирани од страна на структурите на моќ.

Сметаме дека конфликтите базирани на „различноста“ многу често се појавуваат поради специфични погледи на историјата кои можат да бидат погрешно протолкувани, па дури и манипулирани од страна на структурите на моќ. Со комбинација на политичките науки, антропологијата, историјата и социологијата како научни дисциплини, се стремиме кон разбирање на културата на национализмот во регионот и кон пренесување на нашите заклучоци во јавноста со цел подигање на свест за причините за феномените како стереотипи, предрасуди, омраза и дискриминација. На тој начин, се надеваме дека ќе придонесеме кон изградба на едно потолерантно балканско и европско општество.

Активностите на Центарот се одвиваат во две насоки: академско истражување и промоција на вредности. Ние соединуваме млади и отворени истражувачи и активисти во областа на хуманистиката и општествените науки, кои спроведуваат истражувања, изработуваат научни трудови, држат јавни предавања, промовираат книги, организираат работилници, јавни кампањи и други јавни настани. Подеднакво ги вреднуваме двата вида на активност – истражувачката и активистичката. Нашата крајна цел е да придонесеме кон создавање на подемократски, толерантни и отворени општества во балканскиот регион.

Мисија

Да го истражуваме и критички да го преиспитуваме национализмот како културен и општествен феномен, преку интердисциплинарно истражување, создавање знаење и јавен ангажман, со цел подобро разбирање на неговите манифестации и влијанија врз општествата во балканскиот регион.

Визија

Демократски, отворени и инклузивни општества во кои знаењето, критичкото мислење и почитувањето на различностите придонесуваат кон надминување на националистичките исклучувања, предрасудите и дискриминацијата.

Основач(к)и и истражувач(к)и

Дарко Лајтнер-Стојанов

Дарко Лајтнер-Стојанов е историчар кој се занимава со проучување на историја на миграциите, како и со анализа на учебници по историја. Со магистерска (2006) и докторска (2013) диплома се стекнал на Практичната школа за високи студии во Париз. Од 2009 до 2021 година бил вработен во Институтот за национална историја во Скопје, а потоа проектен соработник на Австриската академија на науките во Виена. Остварил бројни меѓународни истражувачки престои, меѓу кои при Универзитетот во Грац, Георг Екерт (Лајбниц) институт за образовни медиуми во Брауншвајг, Универзитетот во Сараево, Универзитетот Хумболдт во Берлин итн.

Јован Близнаковски

Јован Близнаковски е вонреден професор во научната област Компаративни политики во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде работи од 2019 година. Има докторат по политички студии од Универзитетот во Милано, Италија, и магистратура од Универзитетот во Љубљана, Словенија. Додипломските студии по политички науки ги има завршено на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ. Неговото истражување се фокусира на врските меѓу партиите и гласачите во постсоцијалистичка Европа, со посебен акцент на политичкиот клиентелизам, популизмот и етничката мобилизација, како и во нивниот однос со програматската политика. Учествувал во водечки меѓународни истражувачки проекти – Компаративното истражување на изборни системи (CSES), Проектот за демократска отчетност и врски (DALP) и Европското општествено истражување (ЕОИ). Во моментов е раководител на постдипломските студии по политички науки на ИСППИ и предава предмети од областите Компаративни политики и Методологија на политичките науки на студиите од втор и трет циклус. Претходно ги извршувал функциите заменик-директор на ИСППИ (2022-2025) и програмски директор на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (2014-2016).

Јана Коцевска

Јана Коцевска дипломирала на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Основачка е на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк“ и е една од основачките на феминистичкиот фестивал „Прво па женско“. Исто така, таа е една од основачите на ЦИНИК – Центарот за истражување на национализмот и културата. Во изминатата деценија активна е на независната културна сцена низ неколку позначајни настани и фестивали меѓу кои скопскиот Викенд на гордоста и КРИК – Фестивалот за критичка култура во Скопје, во организација на „Контрапункт“. Во моментот е претседател на Управниот одбор на КСП Центар Јадро – мешовита установа од областа на културата. Се интересира за феминистички практики во културата и уметноста, како и родовите перспективи во секојдневнието.

Петар Тодоров

Петар Тодоров студирал историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, последипломски студии завршил на Високата школа за општествени науки – EHESS во Париз во 2006 година, а докторската дисертација ја одбранил во 2013 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Неговиот истражувачкиот интерес е насочен кон општествената и урбана историја во 19. и 20. век на Османлиската Империја и на Балканот. Освен тоа, во неговиот истражувачки интерес се вклучени и прашањата на наставата по историја и (зло)употреба на историјата во современите општества. Престојувал со подолги и покуси истражувачки престои на Универзитетот во Виена, Американскиот научен центар во Софија, „Георг Екерт“ Институтот за истражување учебници во Брауншвајг. Од 2014 до 2016 година бил визитинг-професор по Историја на Балканот на Универзитетот „Истанбул шехир“. Од 2021 до 2024 година бил член на управниот одбор при Опсерваторијата за настава по историја при Советот на Европа. Од 2009 година е вработен во Институтот за национална историја, Скопје.

Миша Поповиќ

Миша Поповиќ работи како истражувач на теми како корупцијата, заробувањето на државата, клиентелизмот и неформалните политички практики во Северна Македонија и Западен Балкан. Овие истражувања ги надополнува со застапувачки активности, неодамна фокусирани на отпорноста на владеењето на правото. Тој има магистерска диплома од Факултетот за словенски и источноевропски студии при Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL).

Истражувач(к)и и соработници

Јелена Милинковиќ

Јелена Милинковиќ е научен соработник во Институтот за литература и уметност, Белград (Одделение за периодични списанија во историјата на српската литература и култура). Таа го води проектот „Женско движење 2020“ (www.zenskipokret.org). Авторка е на книгата Женска литература и периодика: Мисао (Мисла) (1919-1937) во контекст на феминофилните списанија (2022) и коавторка е на книгата (на српски) Дваесет жени што го одбележаа 20 век во Србија (2013) и коуредница на следните збирки (на српски): Нова реалност од нејзината соба: литературното дело на Милица Јанковиќ (2015), Дали ја читате Јелена Димитријевиќ?“ (2018) и Женско движење (1920-1938): зборник на трудови“ (2021).

Мариглен Демири

Мариглен Демири е истражувач во Евротинк од јули 2021 година. Дипломирал филозофија во 2015 година на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што во 2019 година магистрирал на студиската програма Современи филозофски правци. Од 2015 до 2017 година работел како проектен координатор и истражувач во Институтот за европски политики – Скопје (ЕПИ), а од 2017 до 2021 година во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Автор е и коавтор на повеќе истражувања и анализи од областа на работничките права, родовите политики, културата, историјата и филозофијата.

Калина Трајановска

Калина Трајановска е професорка во средно стручно училиште за архитектура и дизајн во Скопје. Првично се образува во областа на архитектурата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а подоцна се насочува кон урбана социологија преку програмата за урбани студии на „Естонската академија на уметностите“. Фокусот на нејзината практика се прашањата за социјална и просторна правда, како и на динамичните односи меѓу луѓето и нивните средини, со особен акцент на политичките и културните аспекти на урбаниот живот.

Марина Мијаковска

Марина Мијаковска e доктор на филолошки науки и работи како виш библиотекар. Пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и магистрирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На истиот универзитет се стекнала со докторска титула. Мијаковска од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Добитничка е на неколку книжевни награди во земјава и во странство, меѓу кои и наградата „Даница Ручигај“ при Друштвото на писателите на Македонија (2019).

Здравко Стојкоски

Здравко Стојкоски е дипломиран професор по историја. Има магистратура од областа на културолошките студии во книжевноста. Предавал Историја и Граѓанско образование во основно и во средно училиште. Моментално работи како кустос-историчар во Националната установа Музеј на Република Северна Македонија – Скопје. Учествувал во повеќе проекти, конференции, семинари и обуки во Македонија и во странство. Има објавено стручни трудови, книги, есеи и критики во научни и во литературни списанија.

Билјана Котевска

Билјана Котевска е координаторка на истражувања во Институтот за европски истражувања – Скопје. Во изминатите 15 години работела како истражувачка во областа на политиките, во организации на просторот на Југоисточна Европа, како експертка и консултантка во меѓународни организации (ЕУ, Совет на Европа и ОБСЕ); и во невладини организации за човекови права, вклучувајќи еднаквост и недискриминација; родова еднаквост; економски, културни и социјални права национални човекови права; малцински права, како и национални институции за човекови права. Д-р Котевска се стекнала со докторат по право на Школата за право на Универзитетот на Кралицата во Белфаст (Обединето Кралство), од областа на интерсекциските нееднаквости во постјугословенскиот простор. Има добиено индивидуални истражувачки грантови, помеѓу кои и стипендијата Чивенинг на Канцеларијата за странство и Комонвелтот на Обединетото Кралство.

Славчо Димитров

Славчо Димитров е истражувач, теоретичар, активист и куратор. Има дипломирано Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, а магистрира првин на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа и на Трансдисциплинарни родови студии на Кембриџ Универзитетот во ВБ. Докторираше во 2023 на Одделот за трансдисциплинарни студии на современите медиуми и уметности на ФМК, Белград. Основач е на интернационалната летна школа Summer School for Sexualities, Cultures and Politics во Белград, и е еден од основачите на IPAK.Center – Research Center for Identities, Cultures and Politics во Белград. Димитров има објавено многу текстови во областа на културните студии, политичката филозофија, студиите на перформансот, телесноста и афектите, квир теоријата итн. во регионални и интернационални списанија и книги. Дoбитник е на годишна награда “Ладислав Баришиќ” на AICA Македонија за 2018, и на Igor Zabel Award for Culture and Theory – Grant – 2020.

Ана Ашталковска Гајтаноска

Ана Ашталковска Гајтаноска е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет, на УКИМ, Скопје по предметите Антропологија на етничност, Методологија на етнолошки и антрополошки истражувања, Интерпретации н Балканот, Етнологија на Албанците во Македонија, Етнолошки и антрополошки теории и други. Докторирала на тема „Антропологија на интимноста во македонската народна култура“, што се занимава со методолошките прашања при истражување интимни теми. Во последно време се интересира за историјата на таканаречените „национални дисциплини“ во македонски контекст, како фолклористиката, етнологијата и антропологијата и за нивната еволуција од етноцентричен кон хуманистички пристап во проучувањето на различните заедници.

Фросина Крушкаровска

Фросина Крушкаровска е книжевничка. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2019 е помлада уредничка во издавачката куќа Темплум и коуредничка и преведувачка на порталот за култура „Окно“. Коорганизаторка на скопскиот книжевен фестивал за мали фикции „Друга приказна“.

Мања Величковска

Мања Величковска (1995) е компаратистка и независна истражувачка. Дипломирана е на Катедрата за општа и компаратив на книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а магистрира во областа на естетиката на Институтот за филозофија при УКИМ. Работи во Коалиција МАРГИНИ како програмска асистентка и истражувачка. Волонтирала во издавачката дејност и соработувала во реализацијата на неколку домашни културни фестивали. Од 2018 година е членка на регионалната група на критичарки „Pobunjene čitateljke“ и е активна членка на ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена.

Христина Иваноска

Христина Иваноска (1974), преку својата уметничко-истражувачка практика, се фокусира на прашањата за потиснување, контрола и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените. Таа создава објекти, текстови, цртежи, видеа, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно, и критички го истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата. Таа им дава важност на рачната работа, како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк-техниката или мозаик од парчиња платно, како медиуми на политичка и социјална вредност преку кои е изразена индивидуална борба и ограничувањата. Нејзините дела биле изложени во многубројни значајни институции и независни простори во земјава и во странство. Во моментов, Иваноска е докторски кандидат на Програмата за истражување во уметничката практика при Академијата за ликовна уметност во Виена.

Ана Колариќ

Ана Колариќ е вонреден професор на Катедрата за компаративна книжевност и теорија на книжевноста, Филолошки факултет на Универзитетот во Белград. Нејзините истражувачки интереси опфаќаат Англо-американски модернизам, историја на книжевна критика, феминистичка теорија и критика, (женска) интелектуална историја, периодични студии, како и феминистичка педагогија. Таа учествувала во многу истражувачки проекти и интелектуални мрежи, од неодамна во билатерален истражувачки проект „Родот и интелектуалната историја во српскиот и словенечкиот периодичен печат во 20-тиот век“ (2023-2025), како координаторка, и во COST Action 22121:Rising nationalisms, shifting geopolitics and the future of European higher education/research openness (2023-2027). Таа публикувала многу истражувачки трудови и две монографии. Првата, Rod, modernost i emancipacija. Uredničke politike u časopisima Žena (1911-1914) i The Freewoman (1911-1912) (Beograd: Fabrika knjiga, 2017), и втората во 2021 година, Periodika u feminističkoj učionici. Časopis Ženski pokret (1920-1938) i studije književnosti.

Нада Бошковска Лајмгрубер

Нада Бошковска Лајмгрубер е редовна професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих. Таа има истражувано и објавувано теми за Русија, пред ерата на Петар Велики, со особен осврт кон социјалните и родовите аспекти. Нејзината книга „Жената во Русија во 17 век“ (Die russische Frau im 17. Jahrhundert, Köln: Böhlau 1998) доби широко внимание. Во последните години, во центарот на нејзините истражувања се Балканот и особено, историјата на Југославија. Има работено истражувања за последните години на османлиската власт и објавено книга за Македонија во рамките на Југославија во периодот 1918 – 1941 (Das jugoslawische Makedonien 1918–1941. Eine Randregion zwischen Repression und Integration, Wien: Böhlau 2009). Авторка е и на неколку научни статии за периодот помеѓу двете светски војни и за транзициските периоди кои следеле.

Ивана Пантелиќ

Ивана Пантелиќ е научна соработничка во Институтот за современа историја во Белград. Дипломирала историја, магистрирала од областа на социјалната антропологија, а докторската титула ја стекнала во областа на историјата, на Филозофскиот факултет во Белград. Нејзино истражувачко поле е социјалната историја, со посебен фокус на социјалната еманципација на жените учеснички во партизанскиот отпор во Југославија по Втората светска војна. Авторка е на истражување за јавната репрезентација на Јованка Броз. Коавторка е на книга за дневничките записи на учеснички во Втората светска војна, како и книга посветена на дваесет жени значајни во историјата на Србија во 20 век.

Димитар Николовски

Димитар Николовски e извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии.Претходно работел како постојан истражувач при Институтот за напредни студи во Кисег, Унгарија. Тој е исто така докторанд на Високата школа за општествени истражувања при Полската академија на науките во Варшава, Полска, каде ги истражува односите помеѓу популизмот и граѓанското општество во Југоисточна Европа. Студирал политички науки на Правниот факултет во Скопје (додипломски), Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (постдипломски) и универзитетите во Сараево и Болоња (постдипломски). Неговото работно искуство вклучува и истражувачка дејност во неколку тинк-тенк организации во Македонија и Босна и Херцеговина. Неговите истражувачки интереси се во полето на граѓански активизам во Централна и Источна Европа, и односите со некои од најактуелните современи теми, како што се евроинтеграциите, уназадувањето и предизвиците на демократијата, миграциите, како и десните популизми и екстремизми во Европа.

Ана Мишковска Кајевска

Д-р Ана Мишковска Кајевска е истражувачка и активистка, придружна членка на Одделот за политикологија при Амстердамскиот универзитет. Таму се стекна и со докторат од општествени науки и магистратура (cum laude) од социологија и родови студии. Во 2015 г. нејзината докторска дисертација ја доби наградата за најдобра дисертација од областа на родот и политиката што ја доделува Европскиот конзорциум за политички истражувања. Американскиот издавач Раутлеџ го објави тоа истражување во форма на книга, насловена „Феминистички активизам во војна: белградските и загрепските феминистки во 1990-те“. Книгата беше номинирана во 2018 г. за Џозеф Ротшилдовата награда од областа на национализмот и етничките студии. Покрај национализмот, военото насилство и феминизмот, Мишковска Кајевска ја интересираат и епистемологијата, женските репродуктивни права и слободи, како и ЛГБТ прашањата.

Наум Трајановски

Наум Трајановски работи како истражувач на Институтот за општествени науки Роберт Зајонц при Универзитетот во Варшава. Докторирал по социологија на Институтот за филозофија и социологија при Полската академија на науките. Неодамна ја објави монографијата A History of Macedonian Sociology: In Quest for Identity (Palgrave Macmillan, 2024).

Ивана Хаџиевска

Ивана Хаџиевска е историчарка и независна истражувачка. Се стекнала со научна титула магистер на историски науки на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Добитничка е на наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Харкорт Манинг“ од Велика Британија, која се доделува за студент на генерацијата (2018) и на Признанието за високи достигнувања во образованието (2019), кое го доделува Ректоратот на УКИМ. Нејзиниот истражувачки интерес е специјализиран во полињата социјална историја, историја на жените и политики на меморијата.