„Немаме работа. Си садиме малко тутунче: Економија на домаќинствата и ритуални прослави во македонски град.“

Центарот за истражување на национализмот и културата го најавува предавањето на д-р Миладина Монова насловено:
„Немаме работа. Си садиме малко тутунче: Економија на домаќинствата и ритуални прослави во македонски град.“

Предавањето ќе се одржи на 19 јули во кафе-книжарницата Магор во Скопје, со почеток во 20 часот. Предавањето ќе биде на англиски јазик, без обезбеден превод.

АБСТРАКТ:
Оваа презентација ги истражува промените во рамки на економијата на домаќинствата во постсоцијалистички Прилеп, како и начините на кои овие трансформации отсликуваат промени во семејните и ритуални односи. Во контекст на економски тешкотии, поранешните фабрички работници кои имаат повремена работа, често во сивата економија, се повлекуваат во економија на домаќинства. Поради тоа, тие повеќе се потпираат на сродни и пријателски односи отколку што тоа го правеле за време на социјализмот. Растењето тутун е сезонска активност на многу прилепски домаќинства. Но не е само економски одговор на цикличната социјална потреба за пари. Прашани за нивните начини на трошење или како приходите се распределуваат за различни буџети, главешините на домаќинството систематски ги одредуваат ритуалните прослави со висок приоритет. Сепак, луѓето не сакале да го редуцираат бројот на прослави кои ги одредиле како „неизбежни“ и „скапи“.

Во оваа презентација, ќе покажам дека ако се повеќе домаќинства во Прилеп комбинираат фабричка или повремена работа со домашно растење тутун, тоа е така бидејќи мораат повеќе да инвестираат во ритуални активности. Домаќинствата мора да соберат пари за ритуали, кои за возврат обезбедуваат социјални односи кои овозможуваат пристап до работа во индустриската сфера и пошироката економија.

ЗА МИЛАДИНА МОНОВА:
Миладина Монова е доктор на науки по социјална антропологија, со дисертација на École des Hautes Études en Sciences Sociales, Париз, насловена “Roads of Exile, Narratives of No Return: Aegeans in the Republic of Macedonia”. Нејзиниот моментален академски интерес е во полето на економската антропологија, а нејзиниот фокус во минатото бил во рамки на студиите на бегалци, воени идентитети, прекугранични и сродствени односи, колективна и индивидуална меморија и искористување на минатото во Балканските земји (Грција и Македонија).

Д-р Монова работела како наставен асистент по етнографски методи во социологијата и антропологијата, урбана антропологија и историја на Француската социологија помеѓу 1918 и 1980 на Université des Sciences et Techniques (Lille I), Франција (2003-2004). Исто така, работела како истражувач во Ecole Française d’Athènes (EFA), Грција (2006-2007; 2004-2005); Collegium Budapest (Institute for Advanced Study), Унгарија (2005-2006); и во Center for Advanced Studies, Софија, Бугарија (2008). Публикувала на француски, англиски и македонски во национални и интернационални академски публикации. Член е на уредничкиот одбор на академското списание „Balkanologie“ и на Laboratoire d’Anthropologie des Institutions et Organisations Sociales (LAIOS), CNRS-EHESS.

Во моментот, работи како соработник-истражувач во Макс Планк институтот за социјална антропологија (Германија). Ова предавање произлегува од нејзиното пост-докторско истражување во рамки на три годишниот проект „Економија и ритуал во пост-социјалистичка Евроазија“, чија публикација претстои од страна на Berghahn Books.