Дебата: Наративи, минато и иднина
Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) со задоволство ја најавува дебатата: „Наративи, минато и иднина: Национализирани историографии во контекст на договорите за регионална соработка меѓу Северна Македонија, Бугарија и Грција“. Настанот ќе се одржи во „Кино Култура“, на 13 јуни 2019 година, со почеток во 19 часот.
На дебатата учествуваат историчар(к)ите Чавдар Маринов (Софија), Тасос Костопулос (Атина) и Ирена Стефоска (Скопје). Разговорот ќе го води Кристина Николовска (Скопје).
На настанот ќе биде промовиран и зборникот на текстови „Наративите во полуавторитарни режими: случајот со Македонија – Narativët në regjimet gjysmë-autoritare: rasti me Maqedoninë“ во издание на ЦИНИК, 2018 година. Зборникот ќе го претстави Петар Тодоров (ЦИНИК). Дебатата и промоцијата се поддржани од фондацијата Хајнрих Бел.
Билатералните договори склучени помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, како и помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, одново ги извадија на површина длабоките разлики во поимањето на историските настани од страна на трите општества. Додека двата договора беа поздравени како значаен напредок во регионалната соработка од клучните актери во меѓународната заедница, јавноста во трите земји остана длабоко поларизирана во однос на својата оценка за постигнатите компромиси. Историските митови и наративи за минатото на односите меѓу доминантните етнички групи во трите држави во голема мера ја информираа националната дебата ЗА и ПРОТИВ договореното и сѐ уште претставуваат можна пречка за остварување на подлабока регионална соработка.
Сметаме дека е вистинско време за размена на мислења во однос на улогата на националните историографии во развојот на односите меѓу трите земји и нивните граѓани. Ќе се фокусираме на историските наративи – официјализирани во националните историографии и пренесени во образовниот систем – употребени во јавниот дискурс околу билатералните договори на Северна Македонија со Бугарија и Грција, од перспективата на трите општества. Ќе го отвориме и прашањето на идниот развој на историските наративи во контекст на спроведувањето на добрососедските договори. На дебатата ќе зборуваат историчарите Чавдар Маринов (Софија) и Тасос Костопулос (Атина), како и историчарката и пратеничка Ирена Стефоска (Скопје). Разговорот ќе го води историчарката Кристина Николовска (Скопје).
Дебатата ќе се одвива на македонски и англиски јазик со симултан превод на македонски, албански и англиски, а зборникот „Наративите во полуавторитарни режими: случајот со Македонија – Narativët në regjimet gjysmë-autoritare: rasti me Maqedoninë“ е достапен на македонски и албански јазик.
Ве очекуваме!
За учесниците на дебатата:
Чавдар Маринов докторирал во полето Историја и Цивилизации на Ecole des Hautes Etudes en Sciences Sociales во Париз, Франција. Неговиот истражувачки интерес е насочен кон историјата и историографијата на македонското прашање, идеолошката употреба на антиката и политиките во однос на културното наследство на Балканот. Автор е на книгите на француски јазик “Македонското прашање од 1944 до денес: Комунизмот и национализмот на Балканот“ и „Нашите предци Тракијците: Идеолошки искористувања на антиката во Југоисточна Европа“ (Paris: L’Harmattan, 2010 и 2016). Маринов е и ко-уредник на збирките на англиски јазик „Испреплетени истории на Балканот, Том 1: Национални идеологии и јазични политики“ и „Том 4: Концепти, пристапи и (само-) претставувања“ (Leiden & Boston: Brill, 2013 и 2017), како и на збирката „Балкански наследства. Преговарања за историјата и културата“ (Farnham: Ashgate, 2015).
Тасос Костопулос има докторат по модерна историја од University of the Aegean, со докторска теза насловена: „Национални партии и раниот македонизам. Општествените и политичките димензии на националните несогласувања во Османлиска Македонија“. Костопулос е новинар по професија, од 2012 работи во атинскиот дневен весник Efimerida ton Syntakton. Тој е автор на шест книги на грчки, меѓу кои и на „Забранетиот јазик. Државната репресија на словенските дијалекти во грчка Македонија“ (Атина, 2000). Неговите истражувачки интереси се насочени кон национализмот како оштествено-политички проект, општествени движења и конфлитки, асимилација на национални малцинства и етничко чистење, политичко насилство и политиката на „длабоката држава“.
Ирена Стефоска е редовен професор при Институтот за национална историја, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје (со докторат на Филозофскиот факултет во Скопје и магистратури на Централно Европскиот Универзитет во Будимпешта и Белградскиот Универзитет). Во моментот е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Стефоска била Фулбрајтов стипендист на Браун Универзитетот, САД (2009-2010) и истражувач на програмата „Историски дијалог и отчетност“ при Универзитетот Колумбија, САД (2012). Нејзините истражувачки интереси се насочени кон нациите и национализмот на Балканот, исторички и политички митови на Балканот и настава по историја во Југоисточна Европа. Стефоска е и член на Комитетот за историја при Центарот за демократија и помирување на Југоисточна Европа во Солун (од 2007 година), соработник на Центарот за човекови права и разрешување конфликти во Скопје, алумни на Георг Екерт институтот во Брауншвајг, Герминија и член на меѓунорадната мрежа Алијанса за историски дијалог и отчетност при Институтот за човекови права на Универзитетот Колумбија, САД.
Кристина Николовска работи како специјалист за црковнословенски ракописи и старопечатени книги во НУБ “Св. Климент Охридски” – Скопје. Нејзините истражувања се фокусираат на текстуалните традиции во Југоисточна Европа во раномодерниот период и се потпирааат врз парадигмите на филозофијата на историјата, ракописните студии и историјата на книгата. Николовска има добиено неколку постдокторски стипендии меѓу кои Advanced Academia Fellowship при Centre for Advanced Study Sofia во 2018 година и Europe Next to Europe (ENTE) при New Europe College – Institute for Advanced Study во Букурешт за академската 2015/16 година. Во март 2016, таа беше визитинг научник на The Ohio State University. Во неколку наврати е поканувана да држи предавања на Central European University, The Ohio State University и The British Library. Во ноември 2015 година, Николовска се стекна со двоен докторат на програмата Text and Event in Early Modern Europe (TEEME) при University of Kent и Freie Universität Berlin. Нејзината докторска дисертација ‘Let it be known’: Interrogating Historical Writing in Church Slavonic paratexts of Southeastern Europe (1371-1711), којашто во моментов ја подготвува за објавување во вид на монографија, го поставува прашањето како јужнословенските свештеници ја претставуваат османлиската моќ пишувајќи по маргините на нивните религиозни книги. Во дисертацијата Николовска покажува дека користењето есхатолошки теми во маргиналните записи е одраз на сложените односи меѓу османлиската администрација и црковните власти на Јужните Словени. Николовска магистрираше на програмата Identity, Culture and Power при University College London (UCL), the School of Slavonic and Eastern European Studies (SSEES).
За зборникот „Наративите во полуавторитарни режими: случајот со Македонија“
Во 2018 година од печат излезе двојазичниот македонско-албански зборник „Наративите во полуавторитарни режими: случајот со Македонија“ составен од 6 текста кои на критички начин опсервираат важни аспекти од македонското општество (историја, урбанизам и архитектура, театар, политички говори, човекови права и медиуми). Тесктовите ги анализираат авторитарните и конзервативни наративи и имаат за цел на едно место да ги адресира проблемите со авторитарноста и недемократските пристапи во повеќе области од македонското општество. Зборникот настана како резултат на конференцијата со ист наслов, која се одржа во Скопје 2017 година само неколку месеци по настаните од 27 април кои ги покажаа резултатите од со години создаваните наративи на поделба и пресметка со различниот. Конференцијата, како и зборникот беа организирани од ЦИНИК, со финансиска подршка на Фондацијата Хајнрих Бел.
