ДИСКУСИЈА „Анти-национализмот на Балканот: теорија и пракса“
Центарот за истражување на национализмот и културата ја организира дискусијата „Анти-национализмот на Балканот: теорија и практика“. Дискусијата ќе се одржи на 01.02.2014 (сабота) во 18ч., во Менада, Скопје.
Учесници:
Чавдар Маринов, историчар и научен соработник во реномираната Ecole Française d’Athénes, aвтор на студијата Македонското прашање од 1944 до денес: комунизмот и
национализмот на Балканот.
Ивана Драгшиќ, Плоштад Слобода.
Миша Поповиќ, истражувач и активист.
Анастас Вангели, докторант при Високата школа за општествени истражувања, Полска Академија на науки, Варшава.
Модератор: Јован Близнаковски.
Падот на „Железната завеса“ и конечното распаѓање на т.н. „Источен блок“ во почетокот на 1990-тите доведе до засилување на националистичките страсти насекаде во Централна и Источна Европа, вклучително и на Балканот. Крвавите војни кои го заклучија процесот на распад на социјалистичка Југославија претставуваа најекстремен случај на националистичка радикализација и милитаризација во Европа по Втората светска војна. Во 21-от век, националистичките превирања меѓу државите и внатре во државите на Балканот продолжуваат. На политичката сцена доминираат споровите за статусот на малцинствата, но и спорови кои се поврзани со „историските права“ на суверените држави кои срамежливо се врзуваат и со идејата за „територијални права“. Истовремено, економската криза во државите од „Старата“ (Западна) Европа го иницираше растот на различни екстремни десни идеологии и движења кои во различна мерка се потпираат на националистички страсти и ја освојуваат јавната имагинација.
Во средината на сето ова, националната држава сѐ уште и недвосмислено претставува основна организациона единица во глобалното општество. Погледнато низ призмата на концептот на „банален национализам“ (Мајкл Билиг) произлегува дека национализмот, „мек“ или „тврд“, „источен“ или „западен“, е водечка глобална идеологија која му дава легитимитет на поредокот. Во таква ситуација политичките елити, секаде и не само на Балканот, располагаат со националистичката идеологија како моќен ресурс за политичка мобилизација кој често се инструментализира во политиката. Другата страна на приказната се огледува кон отпорот кон таквите практики кој се идентификува како „анти-национализам“.
Во најосновно поимање, анти-национализмот може да се објасни како сентимент кој се јавува како опозиција на националистичката идеологија. Дискутабилно е до која мера анти-национализмот може да биде конструиран како засебна идеологија и затоа во нашето поимање тука, ние го разбираме како „сентимент“. Но, што претставува анти-национализмот во балканскиот контекст, а и во други контексти? Кои агенти типично го превземаат? Со кои политички идеологии анти-национализмот може да биде асоциран? Кои практики можат да бидат идентификувани како анти-националистички? Кои се сличностите и разликите во регионалните балкански национализми, односно во регионалните анти-националистички активности?
Дискусијата „Анти-национализмот на Балканот: теорија и практика“, ќе овозможи размена на мислења и искуства поврзани со овие прашања.
