Опасности од компензацијата
Центарот за истражување на национализмот и културата го најавува предавањето на Фабио Матиоли на тема „Опасности од компензацијата“. Предавањето ќе се одржи на 22 мај 2014 со почеток во 20 часот во бифето Галерија 7 во Скопската чаршија. Предавањето ќе биде на англиски јазик.
АБСТРАКТ:
Како е возможно земјата која е рангирана како една од најсиромашните во Европа, со просечна плата од 380 евра месечно и преку 30% невработеност, во исто време да биде место на кое што се случува голем „градежен бум“? Од каде доаѓаат парите кои го финансираат градежниот подем? Ова предавање ќе се осврне на еден парцијален, но сепак очигледен одговор: пари нема. Наместо тоа компаниите се ослонуваат во голема мера на „добра размена“ или форми на „порамнување“ кои локално се познати како „компензација“. Предавањето се фокусира на недостигот на ликвидност на градежниот сектор (како репрезентативен сектор за недостигот на пари во земјата) и неговите импликации за општествените односи. На овој начин, ќе биде разгледан феноменот на „компензацијата“ од гледна точка на економската антропологија.
ЗА ФАБИО МАТИОЛИ:
Фабио Матиоли е докторант по антропологија при City University of New York. Претходно завршил додипломски студии по политичка филозофија на Универзитетот во Фиренца (Италија), како и магистерски студии по социјална антропологија при Ecole des Hautes Etudes en Sciences Sociales (EHESS, Париз, Франција). Извесно време Фабио помина и како визитинг истражувач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е заинтересиран за прашања од економска антропологија, урбана антропологија, естетика, пост-социјализам и етницитет. Малку е познато дека неговиот најголем сон е да научи како се подготвува бурек. (fmattioli@gc.cuny.edu).
