Историски модели на создавање на национални кујни (19-20 век)

Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) со задоволство го најавува предавањето на д-р Стефан Дечев од Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ Благоевград и Софискиот универзитет „св. Климент Охридски“, Бугарија, насловено „Историски модели на создавање на национални кујни (19-20 век)“. Предавањето ќе се одржи во Котур на 20 септември 2019 година (петок) со почеток од 18 часот. Настанот е поддржан од фондацијата Хајнрих Бел. Ве очекуваме!

За предавањето
Предавањето се однесува на различни погледи во историографијата, општествените и хуманистичките науки во однос на формирањето на националните кујни во текот на модерната и современата епоха, како и во однос на нивното присуство или отсуство. Предмет на предавањето ќе биде улогата на кодификацијата кај готварските книги, како и таа кај бизнисот и професионалците ангажирани во сферата на јавната исхрана, ресторантската дејност и туризмот. Исто така, ќе биде наведена општата типологија и различностите во Франција, Италија, Шпанија, Унгарија, Ерменија, како и далечните Јапонија и Индија. Кујните ќе бидат разгледани како резултат од грандиозните процеси сврзани со развојот на капитализмот, демократијата, индустријализацијата, национализмот и урбанизацијата. На крајот, ќе биде направен обид да се најде местото и на балканските кујни во овие процеси.

За предавачот
Стефан Дечев завршува историја на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Специјализира на Амстердамскиот универзитет и Централно- европскиот универзитет во Будимпешта. Тој е доктор по историја и доцент по модерна и современа бугарска историја и историографија. Тој бил визитинг професор на Универзитетот Комплутенс во Мадрид и на Универзитетот во Грац. Автор е на книгите „Политика, пол, култура. Статии и студии по нова българска история“ (2010) и „Who are Our Ancestors?: ,Race’, Science, and Politics in Bulgaria 1879-1912“ (2010). Уредник е на збирката „В търсене на българското: Мрежи на национална интимност (XIX-XXI век)“ (2010). Предава на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Софискиот универзитет. Учествувал на многу меѓународни форуми, помеѓу кои на универзитетите Харвард, Беркли, Колумбија, Тексас и др. Тој е постојан соработник за историски теми на бугарската редакција на Радио „Слободна Европа“, електронското издание на Портал Култура и платформата за човекови права „Маргиналия“.